
Racinovi sredbi
Манифестацијата се одржува во чест на најголемиот македонски поет Кочо Рацин и има меѓународен карактер. За него велат дека е роден на ден кога навистина денот почнува да се зголемува, кога светлината надоаѓа па не случајно и неговата најзначајна книга се вика Бели Мугри. Поезијата што ја создаде Рацин произлегува од неговиот дух „натопен од неговата земја, а земјата македонска е натопена од неговиот дух“ Рацин е издигнат за национален поет од највисок ранг зашто во својата песна ја открива и резимира целата нова македонска поетска и историска епоха.
Тој е автор без чијшто опус „македонската меморија би прилегала на празна страница“. Чествувањето во името, постоењето и творештвото на Рацин е во срцето на неговиот роден град Велес. Тридневното оележување е проткаено со изложби, положување цвеќе на спомениците на Рацин, меѓународен поетски митинг, музички концерти, симпозиуми, посета на Лопушник – местото на погубувањето на Кочо Рацин. Неизбежен дел од манифестацијата е доделувањето на Рациновото признание и почесното Рациново признание за афирмација на македонскиот јазик и култура.
На третиот ден од манифестацијата се вклучуваат и општините Другово и Кичево. На Рациновите средби им претходат априлскиот мурал и мајските детски раце за Рацин.

